За проектот

I-Man или Integrityman е стрип суперхерој кој се бори со различни горливи прашања со кои се соочуваат медиумите, новинарите и генералната публика во Македонија.

Во изминатите години ситуацијата со медиумите во Република Македонија постојано се влошува. Сите поголеми меѓународни организации за слобода на говорот и изразувањето, за човекови права, за развој на медиумите, па дури и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија е истакнато дека ситуацијата со медиумите и новинарите е крајно загрижувачка и го има допрено дното. Поголемиот дел од медиумите и новинарите се високо би-поларизирани во нивното известување, се контролирани и не ги следат основните новинарски стандарди и правила за известување.

I-Man се соочува со пет прашања / тематски предизвици, почнувајќи со би-поларно известување на иста тема. Во таа насока, вториот тематски проблем е збунета публика (читатели, слушатели, гледачи) што значи дека на поголемиот дел од публиката и се сервираат еднострани извештаи или се приморани да гледат/читаат/слушаат неколку различни медиуми со цел да дознаат што се случува, а на крајот на денот поголемиот дел не знае што да мисли.

Затоа, улогата на медиумите во создавање на соодветно јавно мислење е неуспешна. Во епизодата број 3, I-Man се бори со дискредитирачки ситуации меѓу новинарите во Македонија, меѓу другото, потсетувајќи ги медиумите на нивната улога - социјално одговорна професија. Поттикнување на дискриминација и говор на омраза во медиумите во последните години, особено кон малцинските групи во земјта, е темата на четвртата мисија на новинарот суперхерој. 
На крајот, петтата епизода носи тема која го покрива прашањето на правилно цитирање на оригинална содржина вести или превземање фотографии и наведување информации за авторот на фотографијата.

Проектот е финансиски поддржан од SouthEastEuropean Media Observatory, а го спроведува Фондација за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа – Скопје.